Бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 2.012 лица, јави рано утринава мароканската државна телевизија, повикувајќи се на соопштение на Министерството за внатрешни работи.
Бројот на повредени се искачи на 2.059, вклучувајќи 1.404 лица кои се во критична состојба, се додава.
Најсмртоносниот земјотрес во Мароко од 1960 година овој пат со сила од 6,8, стапани се случи во петокот нешто по 23 часот.
Речиси сите куќи во областа Асни, на околу 40 километри јужно од Маракеш, се оштетени, селаните ја поминаа ноќта на отворено. Им недостига храна, вода, нема покрив, нема кујна, вели еден од нив.
Светската здравствена организација објави дека повеќе од 300.000 луѓе биле погодени од земјотресот во самиот град Маракеш и околните области.
Владите ширум светот изразија солидарност и понудија помош. Турција, каде во февруари во силните земјотреси загинаа повеќе од 50.000 луѓе, рече дека е подготвена да даде поддршка.
Алжир, кој ги прекина врските со соседен Мароко во 2021 година, бидејќи тензиите меѓу нив ескалираа поради конфликтот во Западна Сахара, рече дека ќе го отвори својот воздушен простор за хуманитарни и медицински летови.
Маракеш треба да биде домаќин на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка на почетокот на октомври.
Портпаролот на ММФ го коментираше закажаниот настан со зборовите „Сега нашиот единствен фокус е на народот на Мароко и властите кои се справуваат со оваа трагедија“, пренесува Ројтерс.
Во Маракеш, каде уличките се тесни и преполни со скршен материјал, луѓето со голи раце се обидуваат да ги отстранат блоковите за да ги ископаат мртвите и да ги најдат живите. Освен во Маракеш, земјотресот се почувствувал и во главниот град Рабат, Казабланка, Агаир и Есауира, предизвикувајќи паника кај населението.







