Земјава не е ни бледа копија на оригиналот од 1991-та, кога Република Македонија ја стекна независноста.
„Ако се собере повеќе храброст, може да се опише и како фалсификат.
Сама си го избриша името, го смени Уставот и излижа кај што плукаше. Изгубени се илузиите за напредок, одамна ги нема ентузијазмот и чувството за создавање нешто ново и вредно. Националниот занес се претвори во тешко разочарување“, пишува новинарот Панде Колемишевскик во колумна за „Нова Македонија“.
Политичарите се живи и здрави, умрен им е моралот. Закржлавена е совеста, умира политичкиот и професионалниот морал.
Одговорноста е закопана длабоко под земја, мафијата е над земја. Тендерите и сумите го надвладуваат разумот. Наместо умот, владее силата.
Државата стана царство на измамници, тврдина на неспособните, неуките, арогантните, полтроните и насилниците. Тие владеат со институциите. Писмените се веќе надвор од родната земја. За нив овде нема правда, нема мир. Завршија „либе“ шарените лаги.
„Шарено изродената Македонија – вели Колемишевски – наместо да поправа, редовно дорасипува, наместо да напредува – назадува, наместо да гради, разградува. Од надеж и занес, Северна стигна до неизвесност и очај на почетокот на новиот, дваесет и првиот век.
Ако во 1990 и 1991 година самостојна Република Македонија ги живееше деновите на гордоста, сега ги трпи деновите на пониженоста.
И тоа само за три децении. За една држава е мошне опасно кога ќе потоне во паралелна реалност и во некаков вид колективна параноја, во која веќе не е во состојба да разликува што е реалност, а што манипулација, фикција, фатаморгана.
(…)
Македонија со децении се бори за влез во Европската Унија, а без борба со децении во неа влегува Азија.
Кој не верува во оваа метафора нека прошета накај Бит-пазар во Скопје, не мора да оди кон Тетово и Гостивар. Таа пенетрација не подразбира договори, преговори, добивање визи, не бара отворање кластери и затворање поглавја. Тие врати се ширум отворени.
Македонската политика наместо да се европеизира, таа се арабизира во многу видливи сегменти“ пишува Колемишевски.







