Др Сашко Кедев не планира враќање во политиката

Моите сегашни приоритети не се компатибилни со каков било политички ангажман – рече Кедев во настапот на ТВ Сител.



Неговото име се споменуваше како можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори што треба да се одржат следната година.

„Не, тоа е завршена работа, неколку пати досега сум кажал – одговари познатиот кардиолог, на прашањето дали во иднина размислува за нов политички предизвик и ангажман.

„Тоа беше една фаза во животот и за мене едно позитивно лично искуство бидејќи тогаш успеав да го запознаам сопствениот народ, сите граѓани на Република Македонија, од која било етничка припадност и тоа е нешто коешто засекогаш ќе остане врежано длабоко во мене бидејќи се соочив со сопствениот народ и уште повеќе го засакав сопствениот народ“, одговари Кедев.

Вели дека неговите сегашни приоритети не се компатибилни со каков било политички ангажман.

Др Сашко Кедев беше претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2004 година, кога во вториот круг беше поразен од противкандидатот Бранко Црвенковски. Од 2002 до 2006 година беше пратеник во Собранието.

Мандатот на претседателот Стево Пендаровски истекува на 12 мај 2024 година, а изборите за нов шеф на државата, според Уставот, се одржуваат во последните 60 дена од мандатот на актуелниот.