„Пумпање” на капиталните инвестиции, па кратење за плати

И годинава продолжува тенденцијата на пумпање на капиталните инвестиции на почетокот на годината за буџетот да се претстави како развоен, па кратење со првиот ребаланс, зашто не може да се реализираат, анализира ТВ Телма.
Во буџетот беа предвидени рекордни 790 милиони евра за капитални инвестиции. Сега, 295 милиони евра ќе се префрлат за плати во јавниот сектор, пензии и субвенции. Од нив, скоро 12 милиони евра одат за зголемување на функционерските плати за скоро 80 отсто. Се крати од стоки и услуги и најмногу од инвестиции во инфраструктурата.
Тоа е просто кажано политички маркетинг. На почетокот на годината кога се спрема Буџетот се фалат колку многу пари ќе инвестираат и тоа го прават од чисто политички побуди за да кажат еве ние ќе градиме, вели Бранимир Јовановиќ.
Бесими, пак, вели дека ова се прави во интерес на граѓаните.



Бесими вели дека не се работи за ребаланс, туку за реалокација, зашто приходите и расходите во буџетот остануваат исти, но парите се префрлаат од едно место на друго. Тој вели дека се кратат пари кај оние капитални проекти, кои побавно се реализираат.

Слична ситуација се повторува со години. На почетокот, владата планира високи инвестиции, и се фали со развоен буџет, но со ребалансите тие пари ги пренаменува за други трошоци, па на крај ни скратените не ги троши целосно.

Минатата година, на почетокот беа планирани 620 милиони евра за капитални трошоци, со ребалансот се скратија на 530 милиони евра, и на крај беа реализирани 465 милиони.

Според анализата на Фајнанс тинк од почетокот на годинава, владата нема капацитет за толку високи капитални инвестиции. Без разлика на почетната проекција, моменталниот капацитет за реализација на капитални расходи се движи до 450 милиони евра.

Капиталните инвестиции од 2017 до 2021 година се движеле од 200 до 380 милиони евра годишно, а реализацијата била 50 до 74 проценти од првично планираното. Исклучок е 2021 кога реализацијата надмината 97 проценти.

Извор : https://telma.com.mk/2023/09/08/pumpanje-na-kapitalnite-investicii-pa-izdishuvanje-za-plati-i-penzii/