
Денеска се навршуваат две години од трагедијата од страотниот пожар кој ја уништи модуларната болница во Тетово, каде животот го загубија 14 лица, пациенти и членови на семејствата.
Четиринаесет бели, наместа изгорени, маички симболично беа закачени на местото каде пред две години на денешен ден изгоре модуларната ковид болница.
Роднини на починатите во пожарот одржаа протестен марш, со барање да има ново обвинение за случајот и оставки од главниот обвинител Љубомир Јовески, тетовскиот обвинител Бесир Алиу и обвинителите Зорица Павловиќ, Дејан Петрески, Ханефи Амети и другите инволвирани во ова кривично дело.
Според роднините на жртвите мора да има правда за жртвите. Тие велат дека државата слави 32 години независност, а всушност 32 години има корупција која убива.
„Човечкиот живот не се почитува. 14 жртви, нула дена затвор“, велат роднини на жртвите.
За неполн месец, ова е втор протест во Тетово за модуларната болница.





