Заев самиот „игра“: не ги побарал ниту Иванов ниту Мицкоски за да ги дефинира македонските црвени линии за името
Ниедна црвена линија и ниеден консензус меѓу власта, опозицијата и шефот на државата. Во вакви услови оди македонската страна на новата рунда преговори со грчката страна и посредникот Метју Нимиц, в среда во Њујорк.
Дипломатски извори на expres.mk не очекуваат нови предлози во среда, ниту од Нимиц, ниту пак било какво поместување од страна на Грција. За разлика од нас, грчката страна предводена од преговарачот Адимантиос Василакис, на секоја средба цврсто и недвосмислено ги застапува своите тврди линии: сложено име за севкупна употреба со географска одредница, велат нашите извори. По се изгледа така ќе остане и сега.
Иако изминатиот период, посебно после последната средба во Брисел на 11 и 12 декември, се шпекулираше за наводни имиња што Грција би ги предложила, најверојатно нема да има никакви поместувања.
Она што е загрижувачки за македонската страна, е фактот што премиерот Зоран Заев не побарал мислење ниту некаква средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, ниту со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан, дознава expres.mk.
Мицкоски, веќе извесно време на јавните настапи повторува дека целосно е исклучен од процесот на наводното градење мостови и доближување со Грција- за кои зборува Заев. Уште помалку пак е контактиран за можно решение на спорот.
Македонскиот преговарачки тим не очекува изненадувања в среда. По се изгледа ова ќе биде една од многуте формални презентации на унапреден однос меѓу двете земји, што во суштина не е така.




