„Верувам дека ќе има уставни измени, без разлика на цврстите ставови на одредени политички партии: Македонија во светски и во европски рамки, особено на патот кон ЕУ, не е гледана само како национална територија, како држава, туку во европски контекст.“ – изјави професорката Фросина Ременски од Факултетот за безбедност во летното издание на „Клик Плус“ на ТВ21.
Фросина Ременски зборуваше и за случајот со Клиниката за онкологија. Таа тврди дека случајот со онкологија бил откриен од медицинското разузнавање на ЕУ. „Моите инфорамции укажуваат дека медицинското разузнавање, односно разузнавањето во областа на медицините, кое се врши во повеќе земји во Европската унија, ја имаат согледано продажбата на цитостатиците од Македонија на ‘црниот пазар’ во Косово.“ – нагласи Ременски.
Таа додаде дека Македонија треба да побара учество во агенцијата за следење на лекови, за да се надмине овој проблем.
„Имаше вакви случаи и во Бугарија, Србија, Црна Гора, Италија. Но, ЕУ воспоставува механизми за трговијата за лекови, и тука во преден план е италијанската агенција на контрола на движење на крадени лекови Меди Терф, која го следи трансферот на лекот преку БАР-кодови со вештачка интелигенција од пазарот на земји членки во ЕУ, но и земјите кои имаат статус на патот кон ЕУ меѓу кои Србија, Црна Гора и Македонија. Не сум сигурна дека ние сме побарале влез во таа агенција, затоа што тоа е еден одличен механизам за контрола на движење на еден лек и контрола на таа недозволена трговија. Во овој случај има организиран криминал на трговија со лекови и добива регионален контекст, затоа што пазарот е Косово, а верувам и во другите земји. Станува збор за поврзаност на фармацевтска индустрија, производетел, лекари, аптекари и сето она, што значи можност да се добие конкурентност на лекот, и пласман на тој лек на пазарот, дали во медицинските, или во фармаколошките установи.” – рече Фросина Ременски.





