
Украинските власти соопштија дека најмалку 17 лица загинале, а 32 се повредени во руски напад на преполн пазар во источниот град Костијантинивка што се случил денеска, пренесува Гардијан. Претходно бројот на загинати што го соопштија властите во Киев изнесуваше 16 настрадани лица.
Министерот за внатрешни работи, Игор Клименко, изјави дека операцијата за пребарување и спасување во Костијантинивка е завршена, пренесува Ројтерс.
Сепак, како што посочува агенцијата, податоците за бројот на загинати и повредени треба допрва да бидат независно потврдени.

Претходно, во објава на Телеграм, украинскиот претседател, Володимир Зеленски го осуди нападот, во кој, како што рече, меѓу загинатите е и едно дете, а многу други се повредени.
Зеленски во објавата рече дека пазар, продавници и аптека биле погодени во источниот град блиску до бојното поле и на околу 30 километри од градот Бахмут, каде со месеци се одвиваат тешки борби.




