Четири скапи машини за радиотерапија, купени во времето на владата на Никола Груевски, стојат неупотребени во четири различни болници во Македонија.
Според сознанијата на Плусинфо, за овие четири акцелератори, набавени во време на министерувањето на Никола Тодоров, потрошени се вкупно околу 7 милиони евра, но од таа скапа инвестиција пациентите до ден денешен немаат никакво фајде.
Една од овие машини, од брендот “Varian”, е купена за Клиниката за онкологија. Со сите тендерски и технички процедури, вклучувајќи ја и демонтажата на старата машина, овој модерен акцелератор требало да биде во употреба во 2017 година, кога на чело на Министерството за здравство доаѓа Венко Филипче, дознава Плусинфо.
(…)
Некаде од 2013 година па до падот на владата на Груевски, се прави обид за дисперзија на лекувањето на онколошките болни со радиотерапија.
Идејата била да се формираат регионални онколошки центри во Битола и во Штип, плус уште еден онколошки центар во Скопје. Така сè побројните пациенти, на кои им е неопходна зрачна терапија, би имале пристап до оваа услуга побрзо и поквалитетно, без при тоа сите да патуваат во Скопје и да вршат притисок врз Клиниката за онкологија и радиотерапија во Клиничкиот центар.
Набавени се 3 нови акцелератори од брендот “Elekta” – за болницата “8 Септември” во Скопје, за Клиничката болница во Битола и за новата клиничка болница во Штип. За жал, сите до ден денешен не се ставени во употреба.
„За Штип можам да разберам зошто машината не е ни распакувана, бидејќи доцнеше изградбата на новата клиничка болница. Иако и за тоа доцнење нема оправдување, но тоа е посебна приказна. Не ми е јасно како и зошто е изгубен фокусот на „8 Септември“ и на битолската болница да ја користат оваа скапа опрема во интерес на пациентите“, вели извор на Плусинфо.
Детаљи за тендерската рашомонијада и за проблемите околу инсталирањето на оваа опрема во 2021 година објавува Радио Слободна Европа.







