Властите заобиколиле неколку контролни механизми при носењето на Законот за коридорите 8 и 10 д, со што се зголемува ризикот за корупција, покажува анализата Интегритет при носење одлуки: Системски пропусти во случајот „Бехтел Енка“, изработен од Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.
Во таа низа на заобиколување на закони и на деловници за работа учестувале и Владата и Собранието и Претседателот на државата, пишува РСЕ
„На очиглед на сите пропусти, иако го имале правото да спречат, тоа не го направиле и со тоа овозможиле ризикот од корупција да се озакони“, вели Поповиќ.
Собранието прво изгласа посебен закон за спроведување на Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10д, а потоа беа изгласани измени на пет други закони.
Договорот за изградба е таен, а според проценките на Владата изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра, во кои не влегуваат плус околу 238 милиони евра од буџетот.
Анализата на Поповиќ покажува дека низ сите етапи, од идејата за носење на Законот, до промената на другите закони, се забележува искористување на монополот и дискрецијата при носење одлуки, занемарувајќи ги постоечките механизми кои преку отчетност, треба да ги зауздаат ризиците кои произлегуваат при носењето одлуки, пишува РСЕ.






