Димова: Премиерот манипулира или лошо е брифиран за парите од ИПАРД

Премиерот Ковачевски свесно лажел или лошо бил брифиран од неговите соработници кога јавно зборувал за парите кои Македонија треба да ги користи од програмата ИПАРД на Европската Унија.



Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова која беше поставена на таа функција како кадар на СДСМ, вели дека премиерот не смее да се фали со пари кои требало да бидат потрошени во претходниве години а не дури сега да почне нивното користење.

,,Лошо те брифирале, премиере, или манипулираш?! Зошто не кажеш дека ИПА 3 е за периодот 2021-2027. Сега сме 2023, а додека да се одобрат проектите ќе дојде 2024 година. Е па сега, има ли простор за фалење кога парите од 2021, 2022 и 2023 ги трошиш во 2024″, прашува Димова која важи за експерт за финансии кои доаѓаат од Европската Унија.

Премиерот Ковачевски и министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вчера се пофалија со почетокот на новиот ИПАРД 3 проект за модернизација на земјоделството во вредност од 97 милиони евра.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање посочи дека целта на оваа програма е многу поголема реализација и целосна искористеност на средствата кои ЕУ ги одвојува за државава.

,,Наша цел е со новата ИПАРД 3 програма уште поголема реализација и искористеност на средствата од 100 проценти од она што го имаме добиено од ЕУ и затоа предвидуваме и можности за авансна исплата со цел уште повеќе да ги мотивираме нашите земјоделци. Но, крајната цел е нашите земјоделци, нашата економија да доживее напредок, да доживее развој преку остварувањето на полноправното членство во Европската Унија, бидејќи влезот во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки и носи уште повеќе финансиски средства од фондовите на ЕУ”, рече Ковачевски.