Лекарска комора : За ниту еден пациент не смее да нема терапија која е обезбедена од ФЗОМ

Изразуваме голема загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, реагираат од Лекарската комора откако вчера МВР и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје влегоа во оваа здравствена установа за да направат претрес во рамки на предистрага поврзана со крадење на терапии за болни од рак и продавање на црниот пазар од страна на вработени во Клиниката.
„Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува со пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци“, соопштија од Комората.
Од таму даваат поддршка на јавно-обвинителскиот систем и органите на истрагата кои, како што велат, очекувааат час поскоро да ги расчистат поставените сомневања и да споделат со јавноста точни информации за тоа што точно се случувало на оваа клиника, која е единствена здравствена установа од ваков тип во нашата земја и каде се лекуваат најголем број од пациентите кои имаат малигни заболувања.