Без оглед на светската, во Македонија има млечна криза

Млечна криза има во земјава и без да има проблеми во светот со овој производ, бидејќи примарното производство замира, а државата не презема ништо со години, велат млекопроизводителите за Плусинфо. Мк
Сточарите велат дека веќе не можат да преживеат со парите кои ги заработуваат од продажбата на млекото. Откупната цена зависно од масленоста се движи од 16 до 35 денари, добиточната храна е поскапена, а нема ниту млади кои би работеле во фармите.
Не знам што се очекува, ако во Пелагонија е намален бројот на крави за 60%, а производството на млеко е намалено за 70 отсто. Да го земам на пример моето село Могила, од 300 семејства кои одгледуваа стока, се сведовме на 4 семејства кои имаат повеќе крави и 6 до 7 семеjства со по 2, 3 или 7 крави. Има села каде што воопшто нема крави. Добиточната храна е скапа, а откупната цена на млекото ниска и покрај тоа што млекарниците велат дека плаќаат многу за млекото. Дел од сточарите веќе ги продадоа кравите за да преживеат. Дури и оние крави кои им беа дадени од млекарницата во Битола ги продадоа бидејќи според договорите кои ги потпишале речиси и да не добиваат цена на млекото што го продаваат, а не можат ни да им плаќаат на осигурителните компании што исто така им е обврска од договорот – вели Гоце Кантаровски, млекопроизводител од Могила.
Според него, состојбата ќе се влошува поради притисокот што го прават трговците со маржите.



– Млекото се откупува по 16 до 35 денари, а на полиците во маркетите достигнува 3 пати повисока цена. Трговците ги притискаат производителите, а тие нѐ притискаат нас со пониски откупни цени. Речиси секој месец добиваме писма во кои ни се вели „поради состојбата откупната цена се намалува за толку и толку проценти“, а што да речеме ние, од што ќе живееме? Дополнително, државата не се интересира за нас и целиот притисок завршува на сточарите. Досега ништо не се презеде за да се промени состојбата, а не верувам дека и отсега ќе се смени нешто. Затоа младите веќе ги нема по селата и станавме земја на старци, а наскоро ќе нема ниту добиток – додава тој.
Млекарниците и овој пат не ги коментираат неповолните состојби во млечната индустрија. Никој не ги слуша нивните обиди да појаснат дека увозното млеко, чии количини од година во година растат, ќе ја затворат полека домашната индустрија и ќе го намалат бројот на млекопроизводители во земјава.

– Соочени сме со тивко намалување на домашното производство на млеко. Последните две години падот е драматичен, бидејќи младите немаат интерес да се занимаваат со млекопроизводство. Добиточната храна е поскапа, а и сите трошоци што ги имаат млекопроизводителите. Се обидуваме со повисока откупна цена да го задржиме нивото на откупено млеко, но сѐ помали се изгледите дека и тоа ќе влијае на млекопроизводителите да продолжат да се занимаваат со оваа дејност – велат од компаниите.

https://plusinfo.mk/imame-mlechna-kriza-i-bez-onaa-vo-svetot-mlekoto-stanuva-luksuz-drzhavata-gi-izbrka-i-kravite/