
„Знам дека е тешко за верување, но верувајте, јас дознав дека фирмата (Еуровиа, н.з.) е донатор откако беше објавено во медиумите“, без око да му трепне коментираше вчера министерот Бујар Османи. Чекајте малку…. Дали Османи е сериозен кога сака да нè убеди дека ништо не знаел за милионскиот тендер во неговото министерство, инаку едно од министерствата со помали буџети, каде што секое финансиско истрчување е видливо?!
Па уште и не бил среќен кога му го донеле извештајот за рангирање на фирмите, бидејќи ги „очекувал“ реакциите! А како ги очекувал кога ги видел дури од медиумите, не е најјасно – пишува долгогодишниот дипломат Зоран Дабиќ во колумна за МКД.мк и продолжува:
Навистина, како да му веруваме дека „никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава“, кога добро се знае дека министрите ги контролираат буџетите на своите министерства до последна ставка или народски речено до набавка на тоалет хартија.
Патем, Министерската конференција на ОБСЕ е убав настан, но е многу далеку од најважен настан во историјата на државата. Можеби е најважен настан во неговата кариера, не велам не. Но, на која држава, Османи не кажува.
Многу нешта не знае Османи. Ете, неговите дипломати едвај врзуваат крај со крај и не можат да издржат до крајот на месецот, имајќи ги предвид актуелните дипломатски плати кои се далеку помали од просекот на платите во Македонија. Како долгогодишен дипломат, не се сеќавам дека која било дипломатија во светот има или кога било имала пониски плати од просекот во својата држава. Нешто тука не е во ред. Дали е ова уште еден обид да се дотолчи дипломатијата или пак, едноставно, од височините на неговата шестцифрената функционерска плата, Османи ова не го согледува?
Кутриот Османи не знае ни дека МНР е една од најцентрализираните државни институции, каде што дури и највисоките дипломати не се мешаат во својата работа. Не знае дека дипломатите се отсечени од основните информации во куќата, додека тој се координира само со тесниот круг на феудалната тврдина на неговиот Кабинет, каде што се разбира тој им возвраќа со убави кариерни награди за нивната лојалност.
Доколку е прашан, Османи веројатно би бил изненаден дека во негово време МНР станува дипломатска депонија, каде што најискусните дипломати брутално се отфрлаат и тргаат на страна.
Османи не знае ни дека внатрешните задолжителни дипломатски обуки се организираат само во случај кога кандидатите го будат неговиот партиско-етнички интерес (па се организираат цели тимови за обука дури и во случаи кога има само еден кандидат!). Но, кога тоа не е случај, како на пример за високото дипломатско звање министер-советник, едноставно со години не се организираат соодветни обуки. На тој начин свесно се закочува кариерниот раст на голем број дипломати, најверојатно со цел да останат непополнети повисоките позиции, во корист на благонадежните кадри кои допрва треба да бидат извлечени на мускули до таму.
Османи веројатно не ги знае или не се сеќава ни на повиците за негова оставка, особено во јуни минатата година кога Македонскиот дипломатски синдикат пред Собранието крена глас против злоупотреба на искусните дипломати од страна на министерот, кој во одбрана на т.н. француски предлог лажно ги набеди дипломатите дека дале позитивна оценка. А во реалноста, никој го немаше видено, се до неговото објавување.
Целата колумна на дипломатот Зоран Дабиќ за МКД.мк на следниот линк:





