Администрацијата на Бајден одобри американска воена опрема на Тајван во рамките на програма која обично се користи за суверени нации, се вели во известувањето испратено до Конгресот во вторникот.
Пакетот – кој е дел од програмата за странско воено финансирање на Стејт департментот (FMF) – изнесува вкупно 80 милиони долари и ќе го платат американските даночни обврзници, објави Си-Ен-Ен.
Најновиот развој на континуираната поддршка на САД за Тајван предизвика лут одговор од Кина, која тврди дека Тајван е дел од нејзина територија.
Кинеското Министерство за надворешни работи изрази „силно незадоволство“ и „цврсто противење“ за продажбата на оружје, за која рече дека ѝ наштетила на „суверенитетот и безбедносните интереси на Кина“ и ги поткопа „мирот и стабилноста низ Тајванскиот теснец“.
Пекинг ги повика САД „да престанат да ги зајакнуваат воените врски меѓу САД и Тајван и да го вооружуваат Тајван“ и „да престанат да создаваат тензии низ Тајванскиот теснец“, рече портпаролот на министерството Ванг Венбин на редовната прес-конференција.
Соединетите држави, главниот снабдувач со оружје на Тајван, минатиот месец објавија пакет помош за оружје за Тајван во вредност до 345 милиони долари.
Минатата недела, Соединетите Држави одобрија и можна продажба на Тајван на инфрацрвени системи за пребарување и следење за борбени авиони Ф-16, како и друга опрема во вредност од 500 милиони долари.







