Сопственикот на фирмата „Еуровиа“, која го доби тендерот од 1,8 милиони евра за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“, како приватно лице континуирано донирал високи износи за политичката партијата ДУИ, од 2011 година па до сега – покажуваат финансиските извештаи на партијата доставени до Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии.



Името на сопственикот на фирмата, Бејтула Адеми, се појавува во годишните извештаи за речиси сите години наназад, со поголеми износи. На пример во 2011 донирал 317.070 денари, во 2012 уплатил 368.290, во 2013 помогнал со 300.000 денари… дознава Плусинфо“.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) најави дека ќе отвори предмет поврзан со компанијата „Еуровиа“, која го доби тендерот на МНР.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи уверува дека „нема никакво политичко влијание при изборот на компанијата ‘Еуровиа’ за адаптација на салата ‘Борис Трајковски’ за потребите нa Министерскиот состанок на ОБСЕ, бидејќи понудила најниска цена што е единствен критериум таа да биде прифатена од страна на МНР.

Поранешниот портпарол на ДУИ, а сега и потпретседател вели дека досега не знаел дека фирмата победник на тендерот и нејзиниот сопственик биле донатори на неговата партија ДУИ.

„Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирањето, бидејќи ги очекував овие реакции и никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава. Нема никаков конфликт на интереси“, вели Османи.