Блаже Конески нема ништо со с. Македонија

Ќе биде корегирано името „С Македонија“ кај поетите Блаже Конески и Матеја Матевски по барањето на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска упатено до директорот на поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата, Тодорче Тасевски.



Порталот Умно.мк реагираше дека ретроактиовно е сменето името на државата на лауреатите што добиле „Златен венец“ во 1981 односно во 2011 година, а Редакцијата на порталот се обрати до СВП и до Министерството за култура да го образложат нивниот став зошто како земја на потекло на венценосците Блаже Конески во 1981 година и Матеја Матевски во 2011 година е напишани „С. Македонија“, кога држава во тоа време се викала Социјалистичка Република Македонија, односно Република Македонија.

Министерката Костадиновска-Стојчевска вели дека го повикала директорот на СВП, Тодорче Тасевски, да понесе целосна одговорност за овој занемарен факт.

„Од одговорните за веб-страницата на Фестивалот побарав да се изврши итна корекција на внесените податоци со достојна почит кон великаните на македонската култура“, изјави министерката.

Блаже Конески и Матеја Матевски добија „Златен венец“ на СВП пред 2019, односно пред да се смени името на државата.

Корекцијата на интернет-страницата на СВП е веќе направена, пишува Плусинфо.