Од Министерството за внатрешни работи за МИА уверуваат дека сите граѓани на кои им е потребна патна исправа, лична карта или друг документ, ќе ги добијат, обезбедени се доволно обрасци и има доволно време, за сето тоа да се реализира.



Со новото уставно име, веќе се издадени околу 1.000.000 патни исправи и над 800.000 лични карти, а останатите, согласно Договорот од Преспа ќе треба да бидат заменети до 12 февруари следната година.

„Повторуваме дека нема да има казни за граѓаните доколку не ги сменат документите и апелираме да не се шират дезинформации“, се вели во одговорот од МВР за МИА.

Граѓаните можат да закажат термин телефонски,  електронски преку сајтот на МВР, но и преку порталот uslugi.gov.mk.

Додека првиот слободен термин за замена на личните документи по редовна постапка во Скопје е во декември, во другите градови слободни термини има во септември. 

„Според податоците добиени од економскиот оператор којшто за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, за аплицирање за лични документи во Скопје првиот слободен термин е во декември“.

Доколку граѓаните имаат итна потреба од документи, постои итна постапка преку која може веднаш да се добијат бараните документи, велат од МВР.