„Прашањето за ‘искорнатиот национален идентитет’ за полскиот премиер Моравјецки и други е непосакувана жртва пред олтарот на федералистичките стремежи во ЕУ. Тоа прашање е посебно актуелно за Македонија, која веќе многу жртвуваше за забрзување на сопствениот пат кон ЕУ. Дали воопшто може да жртвува уште нешто во однос на веќе значајно нарушениот национален идентитет? Што може да се толерира, за да се „искорне“ од националниот идентитет?“ – вели новинарот Ивица Челиковиќ во својата колумна со наслов „Македонија и искорнат национален идентитет во ЕУ“, која ја објави информативниот портал „Плус инфо“.
Покрај другото, Челиковиќ пишува: Заштита на националниот идентитет, или продлабочување на интеграциите, што ќе водат кон создавање на надграничен, европски идентитет? Тоа е дилемата, која често се наоѓа во средиштето на судирот на стратегиите за развој на заедничкиот европски проект. Преку неоснован оптимизам се подгреваат надежите дека некои од земјите кандидадтки ќе бидат примена во полноправно членство до 2030 година. Искуствата не учат дека такви прогнози се крајно неизвесни.
Многумина во Македонија чувствуваат потреба постојано да нагласуваат дека земјата е дел од Европа и оти единствената можност за иднината на државата е ЕУ, иако поимите на географска Европа и на ЕУ како политичко-економска заедница директно не се совпаѓаат. Ако некој ја врзува својата иднина за иднината на ЕУ, тогаш би требало повнимателно да ги следи линиите на спротивставени политички стратегии околу натамошниот развој на европските интеграции.
Се почесто се издвојуваат мислења за две спротивставени визии како треба да изгледа иднината на Европа и ЕУ откако војната ќе заврши. Од една страна се Германија и Франција, кои бараат зголемена интеграција и полесно управување со Унијата. На другата страна е Полска, која бара ЕУ да се преобрази во полабава заедница.
Петтата земја во ЕУ, според бројноста на жители земја во ЕУ сега се обидува да создаде моќен контрапункт на Франција и Германија, кога треба да се обликува иднината на Европа. Едно од клучните прашања ќе биде проширувањето на ЕУ, како би се променила кога ќе прими шест или седум нови земји. Послиот премиер Моравјецки одржа говор на Универзитетот во Хајделберг и ја претстави полската „визија за европската иднина“.
Полскиот премиер вели дека „ним не ни е потребна некаква паневропска космополитска елита, што се обидува да создаде нов човек, искорнат од својот национален идентитет.“ Неговиот говор беше одговор на „говорите за европска политика“, одржани од страна на францускиот претседател Макрон во Сорбона во 2017 година и на германскиот канцелар Олаф Шолц во август 2022 година на Карловиот универзитетот во Прага. Тоа се три говори, кои ги истакнаа насоките за расправа и заострените противречности што ја очекуваат ЕУ.
Визијата на германскиот канцелар Шолц за иднината на ЕУ суштински се разликува од она што го предлага Полска. Шолц во својот говор во Прага нагласи дека Германија ќе продолжи да го поддржува ЕУ-проширувањето со прием на земјите кандидатки од Западен Балкан, Украина, Молдавија, а во подолгорочна перспектива и Грузија. За идната ЕУ да стане, како што Шолц ја нарече, „геополитичка Европа“, мора да се реформира. Но не преку свртување назад кон лабава заедница според Римскиот договор, туку напротив, ќе треба уште повеќе да се интегрира.
За германскиот канцелар Шолц е неспроведлив предлогот на полскиот премиер Моравјецки да се сочува правото на вето кога владите на ЕУ-членките донесуваат одлуки по важни прашања, вклучително и за приемот на нови членки, Натамошно право на вето, со преку 30 ЕУ-членки, ќе биде искористувано само со цел да се создава хаос. Таквиот хаос Македонија веќе многупати досега силно го има почувствувано врз себе. Македонија се соочи со деструктивноста при употребата на вето. Останува да се види која линија на развојот на европските интергации ќе стане подоминантна во иднина.
Во Македонија расправата најмногу се насочува на меѓусебно оцрнување на „предавници“ и „заштитници“ на европската идеја. Притоа дилемата крајно упростено се изострува: или ЕУ или ништо! Без оглед што во однос на сопствениот национален идентитет, Македонија продолжува да плаќа исклучително висока цена на својот пат кон Брисел.





