Само голем профит им се врти во умот на големите трговци кои стопанисуваат со ланци на маркети без чувство дека го соголуваат и онака сиромашниот народ. Ваков е коментарот на економските експерти откако е очигледно оти власта нема абер за нови мерки кои би го зауздале ценовното цунами, објави Алфа. Иако инфлацијата се намалува, ама само на хартија, цените на добар дел од производите не се намалени, туку само растат.

Според економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот Институт, власта мора итно да ги покачи платите на сите работници, за да се ублажи ценовното цунами кое никогаш нема да се намали. Само така може да се помогне на граѓаните. Во спротивно, ќе следува тежок период, како за граѓаните, така и за стопанството.
И додека економистите реагираат дека нема никаква помош за граѓаните, од Владата се правдатаат дека требало да се види дали растот на цените само изговор на бизнисмените да профитираат од инфлацијата.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера рече дека немало да се толерира никој што ќе носи штетни одлуки за граѓаните, ама на прашање на Алфа, не кажа дали ќе има нови мерки.

- – Зад зголемувањето на цените на млечните производи не стојат производителите, туку тоа го прават под притисок на трговците, рече Битиќи, додавајќи дека нема економска логика, но кај нас не владеат добрите трговски практики.
За ценовните бранувања Битиќи посочи дека одредени трговски ланци се однесуваат нефер и неетички, но не сакаше да ги именува.




