Касами повторно се слика со знаме на „Голема Албанија“ во позадина

Знаме со картата на т.н. „голема Албанија“ денеска повторно се вееше во Општина Тетово додека тетовскиот градоначалник Билал Касами промовираше новоасфалтирана улица – пренесе порталот 360.



Касами потоа даваше изјави за медиумите и се фотографираше додека во заднина се вееја знамето на „голема Албанија“ и албанското национално знаме. Тој изјави оти знамињата кои се најдоа на денешниот настан ги поставиле граѓаните како „одговор на провокациите од власта“.

Билал Касами, градоначалник на Општина Тетово

Прашан дали поставувањето на знамето на „голема Албанија“ ќе влијае врз соживотот во Тетово, тетовскиот градоначалник повторно кажа оти тоа е реакција на граѓаните на односот кој власта го има кон нив.

„Ова нема врска со организацијата на настанот и со Општината. Тоа што има врска со нас е промовирањето на оваа улица. Ова е порака до власта да не ги провоцира граѓаните зашто тие соодветно ќе одговорат“,

одговори Касами.

На 11 август годинава во Тетово беше пречекан косовскиот премиер Албин Курти, а на концертот организиран во негова чест, човек од публиката вееше знаме со карта на „голема Албанија“. На настанот не беше истакнато националното знаме на државата, а не беше интонирана ниту државната химна.

Поради тоа, градоначалникот на Тетово подоцна доби две прекршочни пријави поради непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер – додава порталот 360.