ОПМ: Економски мерки сега и веднаш, зашто народот не смее да го понесе најтешкиот товар од инфлацијата

Државата тврди дека инфлацијата се намалува, а на терен речиси и да нема производ што не е поскапен. Есента е на праг, се најавуваат нови цени, а граѓаните се во недоумица што да скратат од нивните и онака ниски плати. Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија, е децидна дека е време да се делува за да не го понесат граѓаните најтешкиот товар од инфлацијата. Таа апелира дека се потребни подобро осмислени владини мерки за ограничување на цените, за сите да може да се прехранат.



Секако дека мерките што беа воведени лани дадоа одреден резултат, но беа краткотрајни, а ние предвидовме дека цените ќе растат по одмрзнувањето на маржата. Сега на пазарот повторно има голем пораст на цените на основните производи. Затоа, одлуките на властите не треба да бидат задоцнети, туку навремени. Очекуваме дека во оваа ситуација бргу ќе реагираат и ќе применат соодветни мерки. Кои мерки ќе ги употребат, дали ќе ги ограничат цените, што се покажа поуспешно од ограничувањето на маржите, треба да даде подолготраен ефект, оти по краткорочната примена, потоа спиралата на покачување да оди во недоглед – вели Лончар Велкова за „Слободен печат“.

Претседателката на ОПМ смета дека не смееме да бидеме индиферентни и на зачестените вести за производи со минат рок, кои се дури и антидатирани, а посочува и дека од европските регулатори стигнуваат вести за храна со премногу пестициди, недозволени хемикалии и слично… На прашањето може ли македонските граѓани да бидат сигурни во производите што ги купуваат, односно дали сè што е забрането се уништува или завршува на нашите трпези, таа оценува дека „имаме развиен систем за проверка, но секако можат да се пласираат производи што не се безбедни“.

Познато е дека ЕУ има многу високи стандарди за безбедност на храната што во голема мера се должи на силното европско законодавство. Како дел од алатките за безбедност на храната, беше воспоставен Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ) за да се поддржи брзата реакција на властите за безбедноста на храната. Ние како држава сме поврзани со овој систем и сме предупредувани за небезбедните производи што би можеле да се најдат, а и се наоѓаат во продажбата, од каде што се повлекуваат доколку се утврди дека не се безбедни. Целосна безбедност е тешко да се воспостави, а нечесна пазарна практика применуваат и трговците што на ознаката за рокот на употреба налепуваат други ознаки, при што потрошувачот се доведува во заблуда и може да консумира производ со поминат рок што исто така не е безбедно – објаснува Лончар Велкова.

И тоа е само една димензија на проблемот, па таа предупредува дека сè уште е нерешен проблемот со продажбата на овошје и зеленчук на автопатиштата, или, пак, на прометните булевари по што тие дополнително се загадуваат преку издувните гасови.

Од ОПМ посочуваат и дека најмногу потрошувачи се жалат на проблемите со производите од бела техника, техничките апарати, како и производите за дома. Се издвојуваат машините за перење, шпоретите, инвертер-климите и фрижидерите, а кај поголемиот дел од нив, врз основа на тврдењето на потрошувачот, постоел недостаток при првото вклучување, како и чекање подолг период за сервис итн.

Добивме и поплаки за високите сметки за електричната енергија што потрошувачите сметаат дека не ја потрошиле, потоа следуваат телекомуникациските услуги, поради намалена брзина на интернет, исклучување на телевизиски канали, дефект на мрежата. Незадоволни потрошувачи имаше и кај топлинската енергија и водоводните услуги – набројува Лончар Велкова и оценува дека е добро што во споредба со претходните години, не е забележан пораст на поплаките.