Пет земји влегуваат во БРИКС!?

Министерката за надворешни работи на Јужна Африка, земја домакин на Самитот на БРИКС во Јоханесбург, изјави дека лидерите на БРИКС постигнале договор за проширување.



„Се договоривме за прашањето за проширување. Имаме документ што го усвоивме во кој се поставуваат насоки и принципи, процеси за разгледување на земјите кои сакаат да станат членки на БРИКС“, соопшти министерката Наледи Пандор.

Иако сите членки на БРИКС јавно изразија поддршка за проширувањето на блокот, тие се поделени околу тоа колку брзо тоа треба да се случи.

Но бразилски медиуми известуваат дека Аргентина, Египет, Иран, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија ќе станат нови членки на здружението БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка).

Еден од главните критериуми за избор бил географскиот фактор кој треба да обезбеди регионална рамнотежа во рамките на здружението.

Според бразилск дописник кој имал увид во завршниот документ, се размислува и за додавање на уште една африканска земја во блокот, а бразилските власти би сакале да ја видат и Индонезија како дел од унијата, но Џакарта сè уште не е подготвена да се приклучи на БРИКС.

Според едни извори, 22 земји аплицираа за членство во БРИКС, според други 40 земји пројавиле интерес…

Самитот на БРИКС се одржува во Јоханесбург од 22 до 24 август. На него учествуваат лидерите на Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка. Русија ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Претседателот Владимир Путин на самитот учествува преку видео конференција бидејќи Меѓународниот кривичен суд во Хаг, чиј член е Јужна Африка, издаде налог за негово апсење за наводни воени злосторства во Украина.