Валер Усеиновски од битолска Граешница е земјоделец кој целиот свој живот му го посветил на говедарството. Во моментов има штала со 90 високо-квалитетни крави. Вели, низ годините стадото му било многу поголемо, но заради актуелните лоши аграрни политики, принуден е постојано да го намалува. Сега, дополнителен проблем му е и тоа што тој е еден од 400-ните сточари во земјава кои се’ уште ги немаат земено ланските субвенции, ни за млекото, ни по грло добиток. „Дражавата ми должи преку 20.000 евра само за субвенции“, се жали Валер во изјава за Алфа телевизија.
„И во Скопје бевме во Министерството, и тука истото ни рекоа – ќе ви ги дадеме, а пари нема. Ни рекоа дека сме имале некои проблеми со АХВМ и после ни рекоа дека тоа го решиле и ќе ни бидат пуштени, ама пари немаме“, – објаснува Валер Усеиновски, сточар од с. Граешница, битолско.
Усеиновски не е задоволен и од актуелните откупни цени на млекото. Го иритира и гневи тоа што цените на млекото и млечните производи во продавниците неконтролирано дивеат, а додека ним откупувачите постојано им крателе во цените. Тврди дека сега тој лично е оштетен со најмалку 5 денари за секој литар предадено млеко.
„Има 3-4 месеци скоро ни го плаќаат секој месец по денар- два помалку. Кај мене 5 денари по литар млекото е паднато. Во продавниците млекото, сирењето се поскапија пак, секој ден креваат цени, а нам ни го паѓаат млекото. И ќе не’ остават нас скрос…Веќе не можеме да издржиме. И затоа продаваме некоја крава, некое теле за да можеме кравите да ги нахраниме“, – разаочарано коментира Усеиновски.
Заради сето ова, Усеиноски предупредува дека на 1-ви септември ќе излезат на протести. Најпрвин ќе го блокраат патот Битола – Меџитлија, а потоа, ако биде потребно, ќе оделе и пред Владата, заедно сосе стоката. „Вака ако се продолжи, до в зима нема да остане крава во Македонија. Ни месо, ни млеко ќе има. Или, и ако ги има, ќе бидат прескапи, ќе бидат луксуз, а тоа е и жално, и срамно“, предупредува Усеиновски. Тој му порачува на министерот Николовски, час поскоро да им помогне во решавањето на нивните наталожени проблеми со цел македонските граѓани да не прострадаат за храна.
Од Платежната агенција пак, уште во април, ни беше речено дека во соработка со АХВ во тек била постапката за утврдување на веродостојноста на пријавените грла добиток и дека кај 424 сточари на ниво на Македонија биле утврдени извесни неправилности. „Прво се исплаќа основното стадо, а дури потоа субвенциите за млеко. Откако ќе ги расчистиме сите овие контроли и мерки, ќе пристапиме кон решавање на субвенциите за млеко“, ни рече тогаш, директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски, без да прецизира кога точно ќе се случи тоа.
Извор: Алфа тв





