Измените на стапките на данокот на додадена вредност и новиот модел на наплата на овој данок при увоз на електрична енергија и гас не е никакво оправдување за тоа што во буџетот за првите седум месеци има 112 милиони евра помалку собрани пари од ДДВ, смета даночниот експерт Павле Гацов.

- – „Одлагањето на плаќањето ДДВ при увоз на струја и гас не смее да влијае врз намалување на прибраните приходи од ДДВ по овој основ. Имено, увезената струја не се чува на залиха и се продава веднаш (со ДДВ или со пренесен ДДВ на купувачот). Можност за чување на гасот на залиха постои, но и тој се продава за релативно кратко време“, вели за pari.com.mk Гацов.
Тој објасни дека данокот на додадена вредност беше намален од 18 % на 5 % за прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата во период од јуни 2021 година до 31 декември 2022 година, како и оданочување со даночна стапка од 10 % за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата во период од 1 јануари 2023 година до 30 јуни 2023 година. Прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата од 1 јули 2023 година повторно се оданочува со 18 % ДДВ. Затоа, според Гацов, намалената стапка од 10% за домовите за првата половина од 2023 година беше позната работа и била планирана за буџетските приходи.

Тој појасни и дека наплатата на ДДВ за увезената струја и гас беше само одложена до продажбата на струјата на пазарот во Македонија. Тоа е таканаречен систем на „reverse charge кога продавачот не пресметува ДДВ, туку оваа обврска ја пренесува на купувачот, кој го пресметуваа данокот што продавачот не му го пресметал, но има право да го одбие ако струјата/гасот ги користи за стопански цели, вклучувајќи и натамошна продажба. Овој режим го има и во градежништвото и во продажбата на отпад и тоа има неутрален ефект врз данокот на додадена вредност. Овој данок не го товари бизнисот туку паѓа на товар на крајната потрошувачка (граѓаните), вели Гацов.





