Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ, го оцени како шпекулација прашањето за можното поскапување на лебот, кое, како што вели, е поттикнато во јавноста поради зголемувањето на цените на другите основни прехранбени продукти. Малишиќ уверува оти, согласно моменталните берзански цени на пченицата, цените на брашното и на индустриски произведениот леб ќе го задржат истото ниво подолг период.
- – „Покрај овие берзански индиции, нашата Групација во консултации со своите членки, односно во консултации со најголемите индустриски производители на леб, утврди дека темата за зголемување на цената на лебот се само шпекулации во јавноста поттикнати од страна на зголемувањето на цените на другите основни производи“, вели Малишиќ.

Високите цени на храната не се единствениот проблем на македонските потрошувачи и консументи. Поради недоволната конкуренција на пазарот на земјоделски производи, забележена е појавата некои од трговците на земјоделски производи да се обидуваат да ја искористат оваа состојба и да профитираат со продавање производи со намален квалитет, исто како да се производите висококвалитетни.
Граѓаните деновиве при купувањето намирници на зелените пазари реагираат на послабиот квалитет на доматите, пиперките или лубениците и дињите. Наедно при набавката на такви производи, граѓаните се принудени да плаќаат по цени што од ден на ден се зголемуваат. За тоа колку нашите граѓани се задоволни од цените и квалитетот на храната направивме анкета на нашите зелени пазари и маркети.

Притоа ги прашавме граѓаните како се справуваат со високите цени, на што повеќе посветуваат внимание при купувањето – на цената или квалитетот, дали сегашните месечни приходи им се доволни за пристоен живот, како и за тоа дали се откажале од некој производ.
За набавка на вообичаени продукти требаат трипати повеќе пари отколку пред една година
Семејствата со две деца посилно ги чувствуваат ценовните удари на месечниот буџет, затоа што со просечните плати, покрај поскапата исхрана мора да издвојуваат и за потребите на децата, за нивно школување и за воннаставни активности.
– Непријатно е сознанието дека за набавка на вообичаени продукти ти требаат трипати повеќе пари отколку пред една година. Не можам да верувам цените на доматите и пиперките во лето да бидат 70-80-100 денари, килограм, а до пред две години беа 20-30 денари. Како да се наоѓаме во некое туристичко место, а не на локален градски пазар во Скопје. Сестра ми живее во Подгорица, таму секогаш било за 30% поскапо од тука, освен месото. Сега сме изедначени со цените ама не и со платите. Каде се тука трошоците за чување на децата и за нивно дополнително образовање? реагираат граѓани.





