Николовски: Со „Бугари во Устав“ СДСМ-ДУИ ја фрлија РМ во ќорсокак и понижувања, но предвремените избори се можност за излез од него

Влегувањето на Бугарите во Уставот на Македонија ја фрли земјава во мачен политички ќорсокак. Влез во Европската унија сакаме сите, но не тоа да биде понижувачки, како што беше нашиот влез во НАТО. Предвремените парламентарни избори се вистинскиот начин граѓаните да ѝ дадат до знаење на власта дека сакаат да бидат дел од ЕУ, но не преку понижување.“ – вели новинарот Дејан Николовски во својата колумна со наслов „Избори се излез од македонскиот политички ќорсокак“. Колумната ја објави информативната агенција Нетпрес.



Николовски пишува: За власта во земјава, предводена од Димитар Ковачевски и Али Ахмети, е исто така многу важно Македонија да влезе во ЕУ. Но, за нив не е воопшто важно како ќе се случи тоа. Како што не беше важно и за Зоран Заев како ќе влеземе во НАТО. Ковачевски и Ахмети ја туркаат земјава кон ЕУ, но измачена и понижена. Патот кој тие го трасираат за Македонија кон ЕУ е трнлив. Не ја бива нивнава работа. А не сакаат ниту да го чујат гласот на мнозинството.

Со своите досегашни дејствувања СДСМ и ДУИ ја доведоа Македонија во ќорсокак. Излез секако дека има. Една од можностите јавно ја понуди и американскиот амбасадор во Македонија Анџела Агелер. Таа јасно кажа дека ги охрабрува „граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ“.

Избори се вистинскиот начин граѓаните да дадат до знаење дека сакаат да бидат дел од ЕУ. Изборите се излезот на Македонија од ќорсокакот, во кој ја втурнаа Димитар Ковачевски и Али Ахмети, односно СДСМ и ДУИ. За нив изборите се најнеприфатливата опција, зашто се сигурни губитници. Така барем велат сите досега објавени истражувања на јавното мислење. Но, ако навистина толку многу сакаат Македонија да стане член на Европската унија, како што тоа секојдневно јавно го говорат, тогаш нека соберат храброст и нека го покажат тоа на дело.

Нека распишат предвремени парламентарни избори, па граѓаните, како што вели Агелер, ќе им дадат до знаење на политичарите дека сакаат да бидат дел од ЕУ. Ако не распишат избори, СДСМ и ДУИ ќе докажат дека само ги интересира власт, функционерски фотелји и тендери. Ништо повеќе.

Најважното за граѓаните не е Македонија да стане член на ЕУ само на хартија. Најважното е Македонија да почне да ги достигнува стандардите и нормите на земјите членки на ЕУ. Економските, правните, социјалните, образовните, здравствените, транспортните, земјоделските… Тоа е она што најмногу го посакуваат сите граѓани на оваа напатена земја. И Македонци, и Албанци и Турци и Власи, и Срби и Бошњаци и Црногорци и Хрвати и Роми, а богами и Бугари.

Тоа СДСМ и ДУИ не можат да го овозможат. Својата неспособност ја покажаа и докажаа во изминативе години на своето владеење. Попусто допрва ќе трошат куп народни пари за пропаганди. Нема никого да убедат во ништо. Тешко им паѓа фактот дека нивното владеење завршува, но овојпат нека направат жртва за повисоки цели, за подобро утре на граѓаните, за подобро утре на Македонија. Нека направат чекор, кој ќе ги оддалечи од политичкото буниште.