Фрижидерите се празни, тезгите на пазарите се полни . Храната за само две години поскапе за 40 проценти, а допрва ќе има и поголеми поскапувања. Земјоделците за цената прстот го вперуваат во откупувачите .
-Некогаш фрижидерот ни беше полн, сега пазарите се полни, а фрижидерите празни, вели Игор Стојановски од Скопје. Педесет и осум годишниот скопјанец заклучува дека до пред некоја година се живеело полагодно и барем за зеленчук и овошје секогаш имало пари, оти тука во земјава, барем тоа расте.
Пазарот е полн, не знаеш што попрво да земеш, но сега не е како порано – јади, јади да се заборавиш, сега не можеш да си дозволиш“, вели тој, коментирајќи ги цените на основните производи, кои растат.
На храна и пијалаци граѓаните трошат речиси половина од своите плати, покажува податоците од минималната потрошувачка кошница што ги изработува Сојузот на синдикати (ССМ). Поскапата храна, особено ги погодува посиромашните, вели Здраво Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки, бидејќи тие поголем дел од буџетот трошат на храна. Иако во последниот период општата стапка на инфлација се намалува, сепак инфлацијата на храната постојано е повисока од општата, додава тој. За тоа зошто расте цената на храната, тој посочува неколку причини:
„Поради игнорирање на стратегијата на развој на земјоделието. Произведуваме помалку отколку што консумираме, па затоа увезуваме. Тука се и климатските промени поради кои се намалува производството, па затоа растат цените на храната. Фактор е и војната во Украина и не само за житните култури, туку и за поширок спектар на земјоделски производи“, вели Савески.
Трошоците за живот во јули биле за 8,4 отсто повисоки од истиот месец минатата година, покажуваа податоците на Заводот за статистика. Најмногу е поскапен мебелот, кафеаните и храната, a производителите, пак, најавуваат дека цените допрва ќе растат. Сточари најавија дека од 1 септември домашното сирење ќе се продава по цени повисоки за триесет проценти. Сега сирењето се продава по околу 400-500 денари за килограм (околу осум евра), а со најавеното зголемување цената ќе достигне 700 денари или повеќе од 11 евра. Сточари од Брегалничкиот регион за МИА велат дека сирењето ќе поскапи оти немаат работници, а причина се и климатските промени.
Според нив, пред пет години во најголемиот сточарски регион во Источна Македонија, Малешевијата, биле евидентирани 16.000 овци. Сега, како што велат, нивниот број е преполовен и изнесува над 8.000 овци.
По најавите за поскапи млечни производи, доаѓаат најави и за поскап леб. За разлика од сирењето и лебот, месото не се очекува да поскапи, велат од Асоцијацијата на земјоделци, оти немало оправдана причина за тоа.
За граѓаните храната е скапа, за тие што ја произведуваат пак, заработката едвај им ги покрива трошоците.
Не е до земјоделците и не е до потрошувачите, проблемот е кај откупувачите посочува Билјана Петковска -Митревска, земјоделка, која е дел од Националната Федерација на фармери.
„Производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните со години се исти. Нарушувањето на цените настанува кога тие ќе ги откупат производите, па ќе ги препродадат и кога ќе излезат на пазарот од каде што сите потрошувачи купуваат“, вели Митревска, која заклучува дека новите ценовни шокови се на штета и на потрошувачите и на земјоделците.
Во Македонија цената на храната се зголемуваше, додека цените на храната на светските берзи се намалуваше, а тој тренд продолжува и сега, и покрај предвидувањата на меѓународните организации дека цената нема да расте, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за економски истражувања.
На почетокот на август министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека заедно со другите институции, како стопанските комори и Организацијата за потрошувачи работат на нови мерки кои, ако има потреба, ќе се стават во функција од септември или пак од почетокот на октомври.

Цела анализа на : https://www.slobodnaevropa.mk/a/polni-pazari-prazni-frizhideri/32557319.html





