Вучичевиќ: „Ќе ви се удри од глава признавањето на Косово“

Министерот за одбрана на Србија и претседател на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ за ТВ Пинк вчера изјави дека Црна Гора и Македонија ја навредиле Србија со признавањето на независноста на Косово и дека тоа било мешање во внатрешните работи на една земја.



„Направивте грешка и ќе ви се удри од глава, како што во Украина им се удира во глава на сите кои го промовираа Косово и Метохија како независна држава. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е посебен случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана не ви веруваат во тоа“,изјави Вучевиќ.

Тој вели дека постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.

„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Сметаат дека се во НАТО пактот и дека си ги решиле проблемите. Ова е мантра и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно НАТО алијансата, мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека веќе ништо не може да им се случи. Мора да погледнете она што е во историјата, да ги разберете малку другите околности и да разберете што се случува во нивниот двор.

Ние не сакаме да ја водиме нивната политика, тоа е прашање за нив. Но, можеме да констатираме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од власта во Македонија. Ако е ок за Македонците, ок е и за нас, само очигледно ќе имате политика која нема да ја гледаат Македонија како своја земја“, рече Вучевиќ.

Министерот Бујар Османи експресно побара објаснување на изјавата на Вучичевиќ, а премиерот Димитар Ковачевски по средбата со српскиот претседател во Атина, рече дека Александар Вучиќ лично ќе се извини доколку било кој во Македонија се нашол навреден.