„Веднаш по седницата за уставните измени, откако се виде дека за нив, во оваа форма како што се предложени, засега нема поддршка ниту во Собранието ниту кај македонскиот народ, домашните носители на јавни функции се растрчаа низ белиот свет. Како да се толкува тоа: како барање помош или отчет?! Зошто нашите избраници не се завртија пред сѐ кон нас, кои им го делегиравме легитимитетот да одлучуваат во институциите, за да најдат институционален начин да го чујат непосредно мислењето на граѓаните? На некакви неформални вечери во Атина, Мадрид, Брисел итн. далеку од очите на домашната јавност ќе се кројат нови планови за тоа што ќе се прави понатаму!“ – вели новинарот Александар Димковски во анализата со наслов „Наместо пред своите граѓани на отчет низ европските центри на моќ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
По собраниската седница за уставни измени домашните политичари на „европска турнеја“ со полна уста за помош и поплаки
Покрај другото, во анализата пишува: Првата работна недела по собраниската седница за уставните измени, која се одржа во Премиерот Димитар Ковачевски ќе учествува во Атина на неформална вечера, што ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. На неа ќе стане збор за проширувањето на Унијата и за европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од самитот ЕУ – Западен Балкан и Декларацијата од Солун. Неформалната вечера уследува веднаш по првично неуспешната седница во македонското Собрание за уставните измени.
Премиерот Ковачевски најави дека во Атина ќе се сретне со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Леен и ќе побара посилно дипломатско присуство на европски политичари во Македонија во следниот период, заради посилно лобирање за уставните измени, како што беше и за смена на името пред Преспанскиот договор. Можеби во Атина ќе се крои и стратегијата како понатаму во однос на уставните измени. Нејасно дали ЕУ ќе опстои на претходната стратегија на притисок за уставни измени, или можеби ќе се повлече.
Кому прво требаше да му реферираат и да му дадат отчет домашните политичари? Кој е поважен за нив: граѓаните или странците? Дали нивните посети и средби со странските дипломати можеби треба да се искористат сосема во друга насока: во интерес на очекувањата на македонските граѓани и одбрана на националните интереси на државата?
„По започнатата и незавршена седница за уставните измени, македонските граѓани најмалку што очекуваат од своите политички претставници и од политичките лидери е да реферираат прво пред нив, да дадат отчет, но и визија како мислат да продолжат понатаму наместо да се оди на ‘исповед пред странците’ и таму да се кројат нови планови. Тоа е само уште една потврда за една политика без чувство на одговорност и отчетност пред сопствениот народ.“ – тврдат аналитичарите. Според нив, ваквите посети треба да се искористат сосема во друга насока на разубедување на европската политичка јавност во апсурдноста на бугарските уцени и барања упатени кон Македонија. Наместо да се разубедува Македонија, треба да се разубедуваат Бугарија и Европа, и тоа е многу поефикасен приод, отколку да се продолжи со уцените и притисоците врз Македонија, тврдат соговорниците.





