Дали МВР има евиденција на сите активни лични карти, возачки дозволи и патни исправи? Би требало да има. Или барем тоа би требало да биде нормално во една европска држава. Дали, ако не беше тој фамозен член од Преспанскиот договор, моите исправи ќе важеа до датумот што е означен на нив. Во „нормална“ држава ќе важеа.
Зошто тогаш МВР, според својата евиденција, не изготви нови лични документи за сите оние што поседуваат важечки исправи? – прашува новинарот Ѕвездан Георгиевски, кој во колумна за „Призма“, прашува зошто државата Македонија се бламира со малтретирањето на свои граѓани кои мора да извадат нови документи со „северна“, а , како што стојат работите во пракса – до термин за „да се сликаат“ се’ потешко де доаќа.
Ако е така, а така е, Георгиевски прашува:
„Зошто не ја искористи истата фотографија (која, во мојот случај, е важечка до 2030 година) и истите податоци, кои се исто толку важечки? И зошто само не ни соопшти каде треба да ги подигнеме „новите“ документи. И нека имаат иста важност како досегашните.
Што ќе се смени кога јас ќе извадам нови документи, освен што ќе се додаде придавката „Северна“?
Па, додајте ја, бре! Што имам јас со тој ваш проблем? Ниту сум ги издавал документите, ниту сум носел закони, ниту некој ме прашал нешто. Зошто мене (нам) ми наметнувате додатен проблем?
Ако е точно (како што велат многумина) дека целата идеја е да се наполни буџетот, еве, јас сум подготвен (иако не би требало) да ги платам трошоците за новите исправи.
Само, ајде, признајте ја грешката, поправете ја и одиме да менуваме Устав.
Едно време навистина верував дека ќе станеме некоја „сајбер“ држава на „ниско ниво“. Отприлика, на истиот начин како што банките нѐ известуваат за истечени платежни картички и ни кажуваат каде да ги подигнеме, дека ќе дојде време и државата така да се однесува. Без оглед дали Бугарите се влезени во Уставот или не се“, пишува Георгиевски.






