Талат Џафери го злоупотреби Деловникот за време на седницата на 18 август со тоа што ја прекина и не ја стави точката за отворање на Уставот на гласање, обвинува опозицијата. По ова собранискиот спикер, одржа прес – конференција за да се оправда пред новинарите дека ова го направил оти немало мнозинство и имал дискреционо право на тоа.
Џафери на денешната прес конференција се повика и на член 81 од Деловникот за работа на Собранието.
„Седницата била свикана на 18 август. Според глава 5 од Деловникот на Собранието во која се одредени надлежностите за свикување учество во работата, текот на седницата и се по ред кои се чекорите на една седница. Врз основа на тие постапки почната е седницата усвоен е дневниот ред со единствена точка на дневниот ред, отворен е претрес, одржан е претрес и завршен е претрес. Со констатација дека е завршен претресот и ја прекинувам седницата со образложение дека дополнително ќе бидат известени пратениците за продолжување на седницата“, изјави Џафери.
Тој објасни дека оваа одлука ја донел согласно член 81 став 1 од Деловникот за работа на Собранието.
„Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога нема доволно пратеници за да гласаат за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно. Ова е текстот на член 81 став 1 врз основа на кој ја прекинав
“, изјави Џафери.
Тој рече дека и од стенограмите се гледа дека по исцрпување на листата на пријавените за збор и дека го затвора претресот по точката од дневниот ред и ја прекинува седницата. Тој објасни дека пред завршување на седницата имало најави од самите пратеници дека ќе има обвинувања за процедурите за водење на седниците.






