Бранот поскапувања никако да забави. Граѓаните на почетокот на изминатава неделава се соочија со нов бран поскапувања на храната и горивата. На списокот на производи со нови цени се најдоа и дел од млечните производи кои по втор пат пораснаа за една недела.

Цените на млечните производи, зеленчукот и овошјето во месец август се двојно покачени, а од септември се најавува зголемување на лебот за 15 отсто. Во јули, цените на пазарите беа на ниво на ланските, но за неполни три недели се бележи двојно покачување на цените. Доматите се купуваа за 40 денари, сега се 80, а краставиците од 40 скокнаа на 100 денари. Пиперките држеа цена од 50 денари, но сега се поскапени на 70 до 90 денари во зависност од нивната големнина.
Сирењето и урдата се продаваат за 30 денари поскапо, но има најави дека во наредните денови ќе поскапат за дополнителни 15 до 20 денари. Цената на кашкавалот достигна 900 денари за килограм, додека килограм сирење чини над 500 денари. И месните производи имаат повисоки цени, а од понеделникот имаше и ново поскапување на горивата поради растот на светските берзи.

„На едно четиричлено семејство во јули му беа потребни 48.620 денари за да ја комплетира минималната синдикална кошничка. Од нив 20.004 денари или 44,6% се потребни за храна и пијалоци, 13.664 денари или 30,46% за домување, 3.247 денари или 7,24% за хигиена, 3.720 денари или 8,29% за превоз, 2.329 денари за облека и активности, 822 денари за одржување на здравјето. Вкупно за сите потреби се потребни се 44.853 денари, а кога на нив ќе се додадат и трошоците за живот, 3.768 денари или подобро кажано инфлација од 8,4% се достигнува сумата од 48.620 денари“, велат од ССМ.
Има различни пристапи за пресметување на потрошувачката кошничка, но сите водат кон ист заклучок, граѓаните осиромашуваат, велат синдикалците.

Владините претставници даваат оптимистички изјави дека макроекономските мерки и монетарната политика ги постигнуваат очекуваните резултати за подобрување на животот на граѓаните преку забавување на месечната инфлација и преку номиналниот пораст на просечната плата. Како аргумент го наведуваат фактот дека граѓаните плаќаат најниска цена на горивото во земјите од регионот. Од друга страна, најголем дел од граѓаните и економските експерти во земјава велат дека ако се споредат сегашните цени на храната и горивата во земјава со висината на просечните плати во регионот, сепак нашите граѓани континуирано осиромашуваат.
Граѓаните бурно реагираат, што на пазарите, што на социјалните мрежи, поради наглите промени на цените, но земјоделците се правдаат дека и нивните трошоци се зголемени, посебно за нафта, вештачко ѓубре и работна рака. Велат цените не се високи, туку народот нема пари за да купува.





