Зголемување на пензиите и многу поволности од пензионерските картички, најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој најави дека веројатно ќе има зголемување над 55 отсто во октомври и јануари , со вклучување на претходни зголемувања, што како што рече ќе е „најголемото зголемување на пензиите во историјата на Србија “.
„Јас само би ги замолил пензионерите да земат пензионерски картички, има многу попусти, многу ќе им значи. Со сите зголемувања. Правиме многу за да им обезбедиме попусти ва различни маркети“, рече Вучиќ.
Претседателот потсети и дека наскоро ќе започне и аплицирањето за помош на мајките во износ од 10.000 динари, кое ќе трае до 20 септември.
Тој изрази и очекување дека во 2023 година просечната плата во Србија ќе биде повисока од 820 евра.
Вучиќ порача и дека Србија е подготвена за зимата.
„На Србија ќе и биде доста од се – струја, гас и храна. Ќе имаме и струја и гас, а веќе имаме 620 милиони кубни метри гас“, рече Вучиќ.
Дополнително, Србија има 10 отсто повеќе пченица од лани.





