Во земја во која на неколку години се случуваат сериозни скандали со прислушување многу чудно е кога вицепремиер во владата ќе каже дека знае што зборуваат членовите на опозицијата преку телефон затоа што тоа може да го знаат само тие што организираат или спроведуваат прислушувања или учесниците во разговорите.
Во своето денешно интервју во кое го коментира однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ дава сериозни индикации дека тој и владата го користат софтверот за следење на комуникации Предатор за кои грчки државни извори изјавија дека сакале да го купат од Македонија.
Секако постои уште една можност, некој што учествувал во разговорите да му кажал на Маричиќ но тоа е речиси невозможно затоа што ниту еден сериозен дипломат нема да си дозволи да пренесува телефонски разговори на, објективно, тотално неважниот политичар Маричиќ.
Маричиќ во интервјуто признава дека има информации што зборуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ на телефон. Еден од начините Маричиќ да знае што зборуваат Мицкоски и другите луѓе од неговиот тим на телефон е преку користење на ,,Предатор” или некој друг софтвер/систем за следење на комуникации/прислушување.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за рацин.мк вели дека ги видел ВМРО-ДПМНЕ во минатото на кој начин преговараат за иднината на земјата и притоа открива дека ја знае содржината на телефонските разговори што ги водат претставници на партијата на Мицкоски.
,,На сојузниците им велат едно, на телефони зборуваат друго, во пракса прават трето. Така не се води држава напред, така се држи државата заробена цела деценија. Јас сум припадник на друга генерација и друга школа политичари и тоа не смеам да си го дозволам ниту пред државата, ниту пред демократското мнозинство, ниту пред целиот народ, ниту пред себе”, вели Маричиќ во интервјуто кое го пренесоа голем број медиуми со што постои допрен глас како причина за истрага на вицепремиерот.
Во правна држава државниот обвинител Јовески веднаш би го повикал Маричиќ да каже од каде знае за содржината на телефонските разговори на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако Маричиќ тврди дека не знаел што зборува кога ја дал изјавата може да се спаси. Спас за него може да биде и ако каже кој точно му кажал што зборува ВМРО-ДПМНЕ на телефон по што посочениот дипломат да потврди дека тој е ,,длабокото грло” на вицепремиерот.
Ако Маричиќ не е подготвен да даде имиња на луѓе кои ги прекршиле дипломатските кодекси со ,,олајавање” тогаш мора да објасни кој му ги дал разговорите на ВМРО-ДПМНЕ односно како дознал за нивната содржина.
Пред околу еден месец владата демантираше дека користи софтвер за следење на комуникации Предатор за кој грчки функционери изјавиле дека требало да биде купен од владата во Скопје.






