По тој повод, денеска на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи свечена церемонија на која ќе присуствува државниот и армискиот врв.
Обраќања на настанот ќе имаат претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и премиерот Димитар Ковачевски.
Шефот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски за првпат ќе одликува 13 припадници на Армијата со медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територија на државата и со медал за храброст ќе бидат одликувани 60 армиски припадници кои учествуваа во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во Република Турција.
На градските гробишта во Бутел во Скопје со воени почести ќе биде положено цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
Цвеќе ќе положат делегации од Кабинетот на претседателот, од Собранието, Владата, Министерството за одбрана, Генералштабот, Сојузот на борци, Организацијата на резервни воени старешини, Град Скопје, објави МКД.Мк







