Иванов: Пратениците на ВМРО ДПМНЕ „да не застануваат зад партијата, туку зад ЕУ“, „неважно е што ќе влезат Бугарите во Уставот, туку РМ во ЕУ“!

Утре уставна собраниска седница во амбиент на наметната дилема: ‘Бугарите во Уставот да или не?’. Вистинското прашање за пратениците е: дали државава да ги отвори ЕУ преговорите или не? Ова прашање се сведува на фактот дека во случајов „Бугарите во Уставот“ е само онаа нужна алатка земјава во ноември, заедно со сите земји членки на ЕУ, да ја одржи втората меѓувладина конференција.“ – тврди новинарот Зоран Иванов во својата колумна со наслов „Зад својата партија, или зад својата држава?“, која ја објави информативниот портал „Цивил Медиа“.



Иванов пишува: „Тоа ѝ отвора пат на Македонија отвора пат конечно интегративно и реформски  да зачекори, или, во спротивно, и натаму да си остане насамо билатерално да се препелка со децениски идентитетски негаторската бугарска политика, која трие раце да се случи второво.“

„Оттука, прашањето за пратениците е: ќе застанат зад дефокусот ‘Бугарите во Уставот’ или зад фокусот ‘Македонските преговори со ЕУ’, или, преведено на партиските речници, ќе застанат ли зад својата партија, или зад својата држава?“

Со оваа колумна Иванов, всушност, се придружува во хорот на безобразните и антимакедонски напади врз Македонија, македонскиот народ и врз ВМРО ДПМНЕ како партија, повикувајќи „да не се наметнува дилемата ‘Бугарите во Уставот: да или не?“, бидејќи, според него, „воопшто не треба мислење околу ова“, тоа да ти било „само нужна алатка земјава во ноември, заедно со сите земји членки на ЕУ, да ја одржи втората меѓувладина конференција“ и ништо повеќе.

Иванов се дрзнува да ги „кара“ пратениците, мислејќи најдиректно на пратениците на ВМРО ДПМНЕ „да не застануваат врз дефокусот ‘Бугари во Уставот’, туку „зад фокусот ‘Македонски преговори со ЕУ’. Појасно кажано, не треба да биде во средиштето на вниманието „Бугари во Уставот“, туку „Македонија во ЕУ“ и „Македонски преговори со ЕУ“. Демек, неважно е што Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав, ништо посебно нема да се случело поради тоа, но ќе биде важно што Македонија ќе можела да ги отвори преговорите со ЕУ.

„Ќе застанат ли зад својата партија, или зад својата држава?“ – прашува новинарот Зоран Иванов во својата колумна, ама очигледно дека не е запознат дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ веќе го имаат дадено и повеќепати повторено својот одговор на неговото прашање. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ застануваат и зад ставот на својата партија и зад својата држава Македонија: тие нема да гласаат за „Бугарите во Уставот“.