Зошто државата нема стратегија да ги заузда цените кои постојано растат?!

Цените заминаа до небо. Драстично поскапе сирењето, кашкавалот, јогуртот, павлаката. Иако власта постојано смируваше дека нема да дојде до поскапување на производите, сепак тоа се случи. Направивме обиколка во неколку поголеми маркети, и сликата е поразителна. Литар јогурт од 70, скокна на дури 90 денари. Кравјиот кашкавал кој досега одеше за 500 денари, сега се продава по 600 денари за килограм. Овчиот кашкавал замина до 900 денари, мешаниот околу 700, додека пак кравјото сирење се продава над 400 денари, а овчото за над 500 денари за килограм.



Од направената обиколка во маркетите, покрај млечните производи, камерата на Алфа забележа и ново поскапување и кај овошјето и зеленчукот. Ваквиот раст на цените се должи на тоа што земјава нема доволно домашно производство, велат економските експерти. Според професорот Абил Бауш, цените уште ќе одат на горе, ако државата не воспостави реална, а не козметичка стратегија.

Економистите додаваат дека иако се намали и стана едноцифрена, сепак тоа не значи ништо, зашто цените буквлано експлодираа, и за жал никогаш нема да се вратат како до пред неколку години.

Само минатата недела дел од производите се зголемија за 30 денари, а од сега на оваа сума се додаваат плус 15 денари на цените главно на млечните производи. Освен ова поскапување, на новата цена на производите ќе се додаде и маржата која од 1 јули веќе не е замрзната, но и ДДВ-то од 5%.

И покрај ценовното цунами, од власта се оптимисти. Велат дека цените ќе се стабилизирале, ама кога – не кажаа. До тогаш, граѓаните се оставени на милост и немилост без никакви мерки за колку толку да се ублажи ценовниот шок.