Се очекува германската влада денеска да го одобри планот за либерализација на употребата на канабис, со што поседувањето ограничени количини марихуана повеќе не би било кривично дело.



Одобрувањето на владата беше најавено како прв чекор во планот од два дела и сепак ќе треба да биде одобрен од парламентот, пренесува АП.

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах денеска ќе ги претстави деталите за финализираниот закон:

Поседување до 25 грама канабис и дозволување на поединците сами да одгледуваат до три растенија.

На жителите на Германија на возраст од 18 и повеќе години ќе им биде дозволено да се приклучат на непрофитни „клубови за канабис“ со максимум 500 членови.

На клубовите ќе им биде дозволено да одгледуваат канабис за лична потрошувачка на членовите.

Членството во повеќе клубови нема да биде дозволено.

Официјалните лица се надеваат дека нивниот план ќе помогне во сузбивање на црниот пазар, заштита на потрошувачите од контаминирани производи и намалување на криминалот поврзан со дрога.