18 пожари се изгаснати од вкупно 19 на територијава на земјава, информираа од ЦУК. Сеуште има пожар во селата Соколарци и Жиганци во Општина Чешиново – Облешево, но пожарот е локализиран. Таму гори ниска вегетација, односно нискостеблеста шума.
Четири пожари кои се изгаснати беа во кумановските села Романовце, Слупчани, Пчиња и Љубодраг, а два во селата Дебреште и Кошино во Општина Долнени.
Вчера доцна попладне, противпожарните екипи, авионите „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и полициски хеликоптери на МВР успеаа да го стават по контрола пожарот кај селото Соколарци во Општина Чешиново – Облешево. Огнената стихија, која се ширеше по неколку крака, претставуваше опасност за селата Соколорци, Врбица и манастирот „Св. Ѓорѓи, но како што соопштија од ЦУК, опасноста е елимирана.
Пожари вчера имало и во Скопје, во селото Радуша – Општина Сарај, на улицата Скупи во Карпош и во парк шумата во Општина Гази Баба. Сите три се изгаснати, а горела ниска вегетација.
Два пожари се изгаснати и во Битолско. Еден во Ресенско, кај селото Долна Бела Црква, потоа два во Долнени и по еден во Радовиш, Кавадарци, Росоман, Желино и Виничко. Еден пожар имало и во кичевското село Бериково каде гореле исто гореле стрништа, ѓубриште и нискостеблеста шума.

Фото : Илустрација





