Добива ли ДУИ наследник на Ахмети и Груби во екс директорот на ФЗ

Вториот генерален директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Фатон Ахмети кој денеска поднесе оставка од функцијата се смета за сериозен кандидат за иден лидер на ДУИ по заминувањето на Али Ахмети или најмалку за наследник на Артан Груби.



Оваа информација функционери на ДУИ ја лиферуваа уште пред неколку месеци но до денеска и до мистериозната оставка на Ахмети од моќната позиција во најбогатата државна институција немаше друг знак дека тетовецот Ахмети кој има 36 години може да стане лидер на ДУИ.

Фатон Ахмети, кој е член на централниот совет на ДУИ, својата оставка ја објави на Фејсбук, на албански и на англиски јазик, а во неа наведува дека ќе продолжи со неговата определба, „фокусирајќи се на партиските обврски, со максимална посветеност за реализирање на визијата на Али Ахмети“. Тој им се заблагодарува на колегите и сопартијците.

Од ДУИ, од Фондот за здравство и од Владата не открија зошто Ахмети даде оставка и што ќе работи во иднина.

Што пишува во неговата биографија:

Фатон Ахмети, роден 1987 година, во Тетово, Република Македонија.

Има завршено дипломски студии по фармација, магистерски студии по фармацевтски науки и магистерски студии по бизнис администрација – менаџмент.

Претходно искуство

Во периодот 2009-2017 бил ангажиран на различни проекти во здравствениот сектор, на повеќе позиции: проект менаџер, менаџер на квалитет, менаџер на корисничка поддршка и аналитичар на работни процеси.
Во периодот 2017-2019 ја извршувал функцијата државен секретар во Владата на Република Македонија – Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор.

Во периодот 2019-2020 бил ангажиран како раководител на одделение во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Зборува течно албански јазик (мајчин јазик), македонски и англиски. Има солидни познавања на германски јазик, а се служи со турскиот, српскиот и хрватскиот јазик.

Владее со напредни вештини во ИТ технологија како: пакетот Microsoft Office (Word, Excel, PowerPoint, Access, Outlook, Visio, Project). Поседува одлични вештини при користење на апликации за научни истражувања како IBM SPSS и MegaStat.

Од 2005 година е член на Демократска унија за интеграција, актуелно е член на Централниот Совет.

Брачна состојба: женет, татко на едно дете