Меџити: Пријавите против Касами и Ганиу се поднесени под притисок на српската антиалбанска политика

Изет Меџити, Биљал Касами, Албин Курти и Африм Гаши на настанот на плоштадот во Тетово во чест на посетата на Курти
фото: фејсбук-профил на Биљал Касами

Лидерот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити, смета дека прекршочните пријави за градоначалниците на Чаир и на Тетово се сталинистички метод.



„Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и тетовскиот Билал Касами, беа поканети од полицијата на информативни разговори, а единствена причина беше премиерот на Косово, Албин Курти, во Скопје и во Тетово. Овој сталинистички метод на информативни разговори, кој во времето на комунистичка Југославија најмногу го чувствуваа Албанците, покажува дека рецидивите од минатото сè уште се консумираат кај нас, но овој пат и кај некои Албанци кои моќта ја сфаќаа како таткова градина“,

напиша Меџити.

Тој, за потегот на Министерството за внатрешни работи вели дека е под влијание и притисок на српската антиалбанска политика.

„Сето тоа е направено под влијание и притисок на српската антиалбанска политика на која Албин Курти и стана трн во око. Но, оваа ситуација докажува дека не згрешивме што го ставивме името на Адам Демачи на една од улиците на главниот град, бидејќи денес повеќе од кога било ни е потребен неговиот дух на отпор“,

смета тој.

Инаку, денеска полицијата им поднесе прекршочни пријави на општините Тетово и Чаир и на нивните градоначалници Биљал Касами и Висар Ганиу. Пријавите се за непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер Албин Курти.