Локализиран пожарот во Кавадаречко

По цела ноќ интервенции, Регионалнниот центар за управување со кризи – Велес информира дека и вториот пожар кај село Брушани, Општина Кавадарци, е локализиран утринава во 4 :00. Ова е реонот на кој вчера попладнето пожарникарите интервенираа во два наврата.
„Известено е дека во моментот нема потреба од ангажирање хеликоптери, иако во текот на гасењето била во опција и барањето за ангажирање воздухоплови заради сериозноста на пожарот и заради непристапниот терен“,
велат од ЦУК.
Првата пријава дека има шумски пожар кај Брушани била добиена вчера попладне во 17:30 часот. Горела нискостеблеста шума и сува трева на површина од 4 хектари. Во гаснењето на пожарот интервенирале шест пожарникари со две противпожарни возила од ТППЕ Кавадарци, како и четири лица со едно теренско возило од ЈП „Национални шуми“ подружница „Бор“ од Кавадарци. Пожарот на таа локација е изгаснат доцна попладнето во 19:00 часот.
„Но, потоа, во 21:30 часот, добиена е дојава дека повторно кај с. Брушино, само на различно место од претходното и најверојатно е препален пожарот покрај Тиквешкото Езеро, Општина Кавадарци. Пожарот се простирал на непристапен терен и горела смрека“, велат од ЦУК.