„Не гледам сериозност. Станавме 10 партии, станавме предмет за исмевање во светот. Се поделивме, не знаеме кој со кого работи, го коментира лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, формирањето на три нови албански политички партии – Демократското движење на Изет Меџити, Европската демократска партија на Арјанит Хоџа, како и за новата партија која ја најави пратеникот Скендер Реџепи.
„Во моментов можам да набројам десет политички партии на Албанците во Македонија. Не велам дека не треба, 3-4 нека има, конкуренцијата е добра работа. Конкуренцијата носи квалитет“, вели Арбен Таравари во гостување на „Клик плус“ на ТВ21.
За обединувањето на албанските опозициски партии Беса, Алтернатива и Демократско движење, Таравари вели дека сите тие се деривати на ДУИ бидејќи тројцата лидери некогаш биле дел од таа партија.
„Тие што сега се опозициски фронт, сите се деривати на ДУИ. Има незадоволни групи кои во различни периоди ја напуштија ДУИ. Тие се поранешни функционери на ДУИ. Земете по ред. Со Беса, со Алтернатива, сега и Изет Меџити. Сите тие се групи кои некогаш биле во ДУИ. Не беа задоволни и тоа е многу нормално. Се разделија, формираа партии, но менталитетот е на ДУИ“, посочи Арбен Таравари.







