
Македонските ракометни надежи ја нанижаа и Унгарија со 22:20 во разигрувањето за пласман од 9 до 12 место во Копривница и се пласираа во топ 10 селекции на 10. Светско првенство за кадети во Хрватска.
Утре од 20 часот „црвено-жолтите“ ќе играат за деветтото место со Чешка, која беше подобра од Саудиска Арабија со 36:33.
Избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ подобро го отворија натпреварот, поведувајќи со 5:3, но му дозволија на противникот со пет гола во низа да направи пресврт, а при крајот на првото полувреме имаше и 12:9, но на паузата се замина со нерешен резултат 12:12.
Вториот дел ѝ припадна на Македонија, која во последните десет минути влезе со предност од 21:17 и до крајот ги издржа налетите на Унгарците, а точка на победата во претпоследната минута стави бекот Мирче Калајџиески од седмерец.
Голманот Иван Галевски беше прогласен за МВП на средбата, на која запиша 11 одбрани со 35 проценти успешни интервенции, а во нападот се издвоија Калајџиески со 5/5 и десното крило Александар Петковски со 5/9.





