Новата директорка на ЕСМ среде лето купува струја

Поради топлотниот бран, ЕСМ во текот на јули и август купи електрична енергија на слободниот пазар за сума од 7.625.000 евра во летен период кога вообичаено се продаваат вишоци, наместо да се купува увозна струја, пишува Фактор.
Електричната енергија е купена преку четири повици објавени од ЕСМ Продажба, а се купувало електрична енергија од снабдувачите Дуферко, Соле 24, РЕС Енерџи, ЕТМТ, ГЕН-И, Универзал Енерџи, Футуре и Данске Комодитис. Во текот на јули биле објавени три повици во кои била купена струја за 6.533.700 евра, а во последниот повик за потребни количини од 6 до 13 август биле платени 1,09 милиони евра. Еднократно најмногу фактурирал „Соле 24“, кој наплатил 1.766.000 евра за струја од 6 до 20 јули.



Минатата година во летниот период ЕСМ Продажба не купи ниту еден киловатчас струја, а наместо тоа продаваше ноќни вишоци на струја. Купувањето на електрична енергија е вообичаено за зимските месеци, односно во текот на грејната сезона кога ЕСМ нема доволни произведени количини за да му ги предаде на универзалниот снабдувач на домаќинствата и малите потрошувачи.
Од ЕСМ ова го оправдуваат со топлотниот брон, поради кој менаџментот донел одлука да го прекине работењето на РЕК Осломеј, кој користи технолошка и санитарна вода од изворот Студенчица.
Поради летниот период и топлотниот бран со кој се соочуваме во моментов како и зголемена потрошувачка на вода, се јавува проблем со недостаток на вода во околните места кои се снабдуваат од изворот Студенчица. Имено поради ваквата ситуација менаџментот на АД ЕСМ донесе одлука ТЕ Осломеј да не биде повторно вклучена и потребната енергија за целосно задоволување на потребите да биде набавена на слободниот пазар каде моменталните цени на електрична енергија се прифатливи. Залихите на јаглен кои ги има во моментов во РЕК Осломеј ќе бидат искористени во моментот кога ќе има потреба од производниот капацитет ТЕ Осломеј“, гласи објаснувањето од компанијата/
Од таму додаваат дека ремонтните активности во термоелектраните се започнати и ја следат динамиката предвидена во годишниот план за превентивно планско одржување.
Извор : https://faktor.mk/esm-prodazba-kupuva-struja-na-leto-so-novata-direktorka