Одлука за испраќање на сто македонски војници од различен состав во погодената од невремето Словенија, се очекува да биде донесена на денешната владина седница.
Тие ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и држава и ќе заминат најрано утре наутро, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Нагласувајќи оти оваа трагедија во Словенија изминатите денови се користела за различни на видови шпекулации, изнесувања лаги и невистини во македонската јавност дека помошта доцни, Петровска вели дека не сакале да прават пи-ар маркетинг од тоа, пренесе РСЕ.
„Од првиот момент кога се случи несреќата во Словенија и поплавите стапивме во контакт и јас со мојот колега, премиерот, претседателот на државата и сите министри и ја понудивме нашата несебична поддршка.
Од нивна страна ни беше одговорено дека штом ја направат анализата за тоа што им е потребно дека ќе бидат доставени барања и тие во текот на вчерашниот ден претпладне преку механизмот за помош и поддршка во вакви кризни ситуации и на НАТО и на ЕУ беа доставени барања.
Денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување на сто војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава“, рече Петровска.
Во врска со тоа дали се размислува за некој вид материјална помош, министерската вели дека ова е се што досега е побарано.







