„Како да го разбереме првоодделенското однесување на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој онака мазно ја испиша таблата пред целата јавност, пред Владата, медиумите, „експертите“…? Барем да знаеше што да напише на таблата! Вакви неспособни луѓе можат да глумат власт само во Македонија како „Република на глупоста“. Замислете некој од министрите за надворешни работи од поранешниот југословенски формат на Коча Поповиќ, Јосип Врховец или Будимир Лончар…, па и Стево Црвенковски, со себе да влечкале табли и да им цртале на соговорниците! Има ли поголем резил за оваа власт, но и навреда од нејзина страна кон својот народ и држава?!“ – вели Златко Теодосиевски, историчар на уметноста и општествено-политички аналитичар, во својата колумна со наслов „Tabula rasa или царството на глупоста“. Колумната е објавена на интернет-страницата „Теодосиевски: За уметноста
Покрај другото, Теодосиевски пишува: Сега премиерот Ковачевски бара да им веруваме на лагите, особено на Радев и на Јотова, дека „дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“. Но, меѓу тие „договорени услови во преговарачката рамка“ се и спомениците, историјата, учебниците и друго, што тој започнува да ги исполнува! И на коишто безмалку секојдневно потсетуваат Радев, Јотова и бугарското Министерство за надворешни работи. Ама нашиве слепци се прават наудрени, а патем држат пионерски лекции. На табла, без сунѓер.
Ковачевски молчи пред неодамнешната бугарска вулгаризација и на Илинденското востание. Дали и тоа е израз на добрососедството и пријателството на Радев и Јотова? Тој кажува нова епохална измислица: дека „Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на * Македонија со Европската Унија.“ Што ќе рече дека сите ние, цел народ, сме идиоти и ништо не сме разбрале во македонско-бугарскава приказна!
Ваквиот наш налудничав евроинтегративен процес кај нас го туркаат само две партии наспроти речиси целата здружена политичка опозиција. Тогаш, во чие име се прави тоа, со кого и каква доверливост на оваа коалиција? Кај нас сите анкети говорат за две третини од населението, што се противи на ваквиот начин на водење на процесот. Македонско-бугарскава „приказна“ очигледно била одамна и добро подготвувана. Но и игнорирана од власта, дури поттикнувана со непромислени чекори, меѓу кои оној со Договорот за пријателство и добрососедство е врвот.
Просто е неверојатно како власта, директно (преку најистурените функционери) и индиректно (преку стадото ботови, „аналитичари“ и „експерти“), го трча маратонот на лагите во врска со започнувањето на преговорите со ЕУ. Сите се здружени во рефренот дека „наш единствен услов за продолжување на преговорите останува само вметнувањето на Бугарскиот народ во нашиот Устав“. Испраќаат пораки до народот оти „Не е точно дека Бугарија може кога сака да не блокира поради историските прашања“.
Врескаат оти „Никој не смее да ја украде и измени нашата историја“… и слични будалаштини што во реалноста ама баш ништо не значат. Дури манипулираат и со поддршката од „мнозинството народ“, кој пак во цели 70 проценти се изјаснува против ваквото нивно „евроинтегрирање“.
Несфатливо е како не разбираат дека се на само чекор пред историската бездна, диктирана од источниот сосед и меѓународната заедница, пред сериозни прекршувања не само на македонската современа и подалечна историја туку и пред вистински културно-образовен геноцид. Но, за тоа никој не е подготвен да разговара јавно, нивната клиентела меѓу т.н. невладини организации го „истражува“ руското „влијание и пропаганда“ кај нас но не и секојдневната тортура со диригирани дезинформации и „анализи“ на локалните владини „ботови“ и абоненти за лошите политики на власта.
Државата се наоѓа пред историска бездна. На дното друг ќе ни ја уредува историјата, ќе ни ги допишува учебниците, ќе ги сквернави спомениците…Сето тоа е запишано во тој проклет Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и * Македонија, што упорно го бришат од јавната меморија, но тој е мирно притаен во Договорот за пријателство и добрососедство и ги чека своите пет минути. И тие ќе дојдат, кога-тогаш. Дел од нив се веќе тука!
Во меѓувреме, целата владина тајфа, сосе абонентите, не смее ни да праша кој го овласти оној провинциски политикант да потпишува таков понижувачки меѓудржавен договор. Никој дури ни не размислуваше дали навистина тој договор беше така бетониран и нераскинливо врзан со нашиот евроинтегративен пат.
Македонија се наоѓа на историски крстопат. Но ниедна можна насока не нуди „светла иднина“. Внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е само првиот чекор кон целосно нејасна утрешнина. Активирањето на одредбите на Протоколот како незаобиколлив чин на меѓудржавна културна агресија е вториот. Бугарија би била луда од тоа да се откаже. Оваа власт е подготвена да оди докрај со исполнувањето на сите апсурдни и нецивилизирани барања на бугарската страна.
Важен меѓучекор во оваа „акција“ на централната власт, а како случајно совпаѓање со одредбите на проклетиот Протокол како дел од шизоидниот Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, ќе биде „реконструкцијата“ на спомениците, што го бара источниот сосед: бришење какво и да е спомнување на изразот „бугарски фашистички окупатор“, која што веројатно ќе биде целосно и неповратно отстранета. Или ќе се најде некоја бледа, неутрална формулација, која што ќе ги задоволи барањата на Бугарија.
Ќе ја „нашминкаат“ ли нашиве слепци, ќе ја „реконструираат“ ли и историјата на тој начин? Ваквата самоубиствена „реконструкција“ на историјата веќе започна – тивко и апсурдно мирно! – во образованието со менувањето суштински деловим што го засегаат „бугарскиот проблем“ во учебниците. Младите генерации полека ќе бидат поучувани со нова историска „реалност“, реконструирана според ставовите на онаа манипулативна т.н. „Историска комисија“ и на македонската власт.
Сето ова говори дека ние самоиницијативно, односно, доброволно веќе сме влегле во историскиот амбис – со двете нозе, дури и со рацете! – не чекајќи Бугарија да ги активира овие барања преку ново вето, туку испреварувајќи го тој нивен потег самите си ја ставаме јамката околу вратот. Дали е тоа новата стратегија на оваа власт? Дали во неа е содржана „логиката“ дека ние предвреме ќе ги исполниме сите услови од Протоколот, дури и повеќе ако треба?





