Уште 443.602.000 денари префрлени на јавното претпријатие „Државни патишта“,наменети за трета трансакција по ред за „Бехтел и Енка“, изведувачот кој треба да ги гради автопатите од Коридор 8 и 10д, а на терен ништо.
Од „Државни патишта“ потврдуваат дека овие 7,2 милиони евра се наменети за проектот за изградба на автопатите од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“, а од таму додаваат дека не станува збор за вонредна сума која треба да му се исплати на изведувачот, пишува Фактор.
„Јавното претпријатие за државни патишта известува дека врз основа на обврските од Договорот за реализација на делниците на Коридор 8 и 10 д, а согласно со Програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектите на Коридорите 8 и 10 д за 2023 година усвоена од Владата на РСМ и објавена во Службен весник бр.63/23, исплатени се средства во висина од 443.602.000 денари.
Овие средства се наменети за плаќање согласно со член 14.2. од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д, односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства, за геоемханички испитувања, мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување на кампови, лабараторија и други работи од страна на изведувачот“, велат од ЈПДП за Фактор.
Јавното претпријатие на 23 јуни доби 53,33 милиони евра за „Бехтел и Енка“, а претходно на 26 април беа исплатени 117 милиони евра. Тоа значи дека до „Бехтел и Енка“ досега се префрлени околу 175 милиони евра.






