Протестите на пензионерите од утре се засилуваат, бараат достоинствена живеачка

Расте револтот кај македонските пензионери кои веќе од утре повеќе ќе се мобилизираат. По првиот самоорганизиран мирен протест на прилепските пензионери од четвртокот, веќе за почетокот на новата работна недела, во повеќе градови од земјава се најавуваат поорганизирани и помасовни протести, но и со зголемен број на барања. Како што објави Алфа, освен линерано зголемување на пензиите за 3.500 денари за сите, сега тие ќе бараат и на пензионерите со најниска пензија да им се обезбедат по три кубни метри огревно дрво, или во висина на тој износ да им се плаќа електричната енергија на оние што не се греат на дрва. 



Ако власта не е свесна која сила се пензионерите, еве ќе ги потсетиме. Ако власта заборавила дека со нашите мизерни пензии ги финансираме дури и нашите деца, а кои од немајкаде се уште не ни заминале, еве им прилика да си го освежат сеќавањето“, велат од прилепското Здружение на пензионери. Тие се дополнително изреволтирани и од однесувањето на раководството на Здружението, бидејќи при завчерашниот обид да разговараат и да побараат подддршка, наместо разговор, добиле интервенција од повиканото обезбедување и забрана да влегуваат во просториите.

Слична е состојбата и во Битола. И таму во петокот се одржа спонтан протест пред Здружението на пензионерите, каде исто како и во Прилеп, не наидоа на поддршка од раководството. Оттука, викендов беше формиран Иницијативен одбор за заштита на стандардот на битолските пензионери кој одлучи првиот организиран протест да се одржи на 17 август на Плоштадот „Магнолија“.

Според информациите до кои дојде Алфа, прилепските пензионери силна поддршка добиле и од здруженијата од повеќе градови во источна Македонија, како и од Скопје, кои исто така се организирале за масовни протести. Во Македонија има вкупно 339.000 пензионери и повеќе од половината од нив се со ниски пензии.